Гордан Спасовски

Гордан Спасовкси денес е млад, успешен џез пијанист, компoзитор и аранжер

29 Jul 2021

Гордан Спасовкси денес е млад, успешен џез пијанист, компoзитор и аранжер.

 Тој потекнува од Крива Паланка, а денес живее и работи во Скопје. Своето родно место го напуштил на тинејџерските години, но Спасовски и денес често ја посетува Крива Паланка и ја препорачува поради нејзината природна убавинa и гостопримливите граѓани.

 

-Има одлични места за релаксација и опуштање, чист воздух и луѓето се секогаш гостопримливи. После секоја посета, моите пријатели го потврдуваат тоа.

 

Со Гордан поразговаравме за неговите кривопаланечки корени, за неговите успеси надвор од родното место, колку често ја посетува Крива Паланка, по што ја препорачува на своите пријатели, колеги....

 

Вие и Вашето семејство имате кривопаланчеко потекло, кажете ни нешто повеќе за Вашите корени?

-Потеклото ми е кривопаланечко од обете страни. Родителите на татко ми се од северниот дел на село Трново и во почетокот на седумдесетите години се селат во Крива Паланка, додека родителите на мајка ми се од источниот дел на село Трново и се преселиле во село Самоков во средината на седумдесетите години, вели нашиот кривопаланчанец.

Какви спомени Ве врзуваат за родниот крај?

 

-Не би можел да издвојам одредени моменти. Сето време кое го имам поминато со моите родители и пријатели ми е драго на посебен начин.

 

Се сеќавате ли на Вашето детство во Крива Паланка?

 

 -Со оглед на тоа дека сум роден 1990та година, детството го чувствувам скорашно и спомените ми се свежи. Често се среќавам со другари од детството и знаеме да се потсетиме и да позборуваме за некои интересни моменти кои сме ги доживеале,.

 

Вашиот образовен процес се одвива Штип – Австрија – Скопје. Колку Ви беше тешко, а колку мотивација од едно мало градче како К. Паланка да зачекорите по скалите на образованието надвор од родното место веднаш по завршувањето на основното образование?

 

-Прв пат се одделив од дома на 14 години и тие моменти ми беа тешки, па поради тоа на почетокот викендите секогаш ги поминував во Крива Паланка, меѓутоа со тек на време се потрудив да се оттргнам од таа навика. Силна мотивација ми беше желбата за професионална надградба и потребата од запознавање на нови луѓе од мојата бранша. Поради тоа и го продолжив моето образование во Грац, Австрија. Кога заминав, посетите на Крива Паланка се намалија на еднаш до двапати годишно, но контактот со родителите и пријателите во никој момент не ги изгубив.

 

Кое беше Вашето омилено место во Крива Паланка, каде најмногу сакавте да го поминувате времето?

 

-Крива Паланка има голем број на убави места како што се манастирот Свети Јоаким Осоговски, езерото Калин Камен и сл., кои се инспиративни сами по себе, така што секоја посета на некое од овие места ми буди убави спомени,

 Прилично често ја посетувам Крива Паланка и ја чувствувам како свој дом.

 

Што зборувате од срце за Крива Паланка и поради што топло ја препорачувате?

 

-Секогаш ја препорачувам на своите пријатели како одлично место за да го поминат својот викенд. Има одлични места за релаксација и опуштање, чист воздух и луѓето се секогаш гостопримливи. После секоја посета, моите пријатели го потврдуваат тоа.

 

Што најмногу ви недостига од Крива Паланка?

 

-Најмногу ми недостига прошетката низ природа која ја опкружува Крива Паланка. Голем дел од времето во моето детство го поминнував со моите другари низ блиските планински предели.

 

Која е Вашата професија и кои се Вашите ангажмани?

 

-  По професија сум џез пијанист, композитор и аранжер. Работам како слободен уметник и држам приватни часови по музика. 

 

Вие имате богата агенда со настапи и професионални успеси, на неколку албуми се појавувате како пијанист, композитор, ко – лидер, аражнер.....колку тоа ви помогна да го збогатите Вашиот музички опус, но можеби и да ја промовирате К.Паланка преку Вашата професија?

 

Секој нов ангажман го збогатува мојот музички вокабулар и ми помага да се надоградам во различни аспекти од музиката. Моето родно место е вклучено во секое мое претставување. 

 

Неодамна, го издадовте Вашиот прв самостоен албум „Light pillar“, на кој сте комплетен композитор, продуцент и аранжер, колку тоа ве импонира и ве прави горд кривопаланчанец?

 

-Албумот Light Pillar е прв албум со моето трио и сум многу среќен за музиката што ја создадовме, меѓутоа не би го издвоил од сите останати проекти во кои имам учествувано. Веќе вложувам дел од себе и својата енергија во идни проекти за кои се надевам дека ќе позборуваме во некоја идна прилика.

 

За крај, на кој начин би помогнале на својот град, што би направиле?

 

Сметам дека секоја индивидуа треба на свој начин да придонесе за напредок на својата средина. Многу често се водам по мислата на социјалнот активист Патрик Гедес која вели: "Think global, act local". Како човек од културата, моја морална должност е да дејствувам позитивно во оваа сфера. Тоа често може да се забележи преку мојата соработка со Центарот за аудио визуелни уметности CAARTS од Крива Паланка, со кои соработуваме преку повремени концерти, работилници и како дел од тимот на детското фестивалче „Распеано Симитче”.