Бранко Павловски

Со ноти испишува успеси, со талентот и музиката патува ширум светот

05 Jul 2021

Бранко Павловски-Со ноти испишува успеси, со талентот и музиката патува ширум светот, но Крива Паланка секогаш ја носи во срцето

Бранко Павловски потекнува од Крива Паланка. Тој е успешен македонски кларинетист со богата интернационална музичка кариера и реноме. Благодарение на неговата професија патувал низ светот и во својата биографија запишал бројни настапи, успешни концерти со бројни аплаузи и награди, но во срцето останал кривопаланчанец. Денес, иако живее во Скопје, вели дека се чувствува како никогаш да не се преселил.

„Секогаш кога ќе се спомне Крива Паланка ми се јавува чувство на носталгичност, особено во периодот кога студирав и живеев во странство, затоа што секогаш со срцето и мислите сум бил дома“.

Павловски прв пат се запознава со кларинетот како инструмент и првите чекори во музичката уметност ги прави во Нижото музичко училиште во Крива Паланка во ООУ "Јоаким Крчовски". Музичкото образование го продолжил на Факултетот за музичка уметност во Скопје и на престижните музички академии во светот: во Софија, Прага, Париз и САД каде докторирал на Државниот Универзитет на Луизијана (Louisiana State University). Павловски настапува во САД, Франција, Англија, Германија, Чешка, Полска, Унгарија, Италија, Турција, Грција, Бугарија, Хрватска, Србија и Македонија. Во моментов Павловски е редовен професор на Факултетот за Музичка Уметност на Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип.

На Крива Паланка се сеќава по неговото убаво, безгрижно детство, на мирот и животот без брзање, на детските игри, пријателите, на кривопаланечката природна убавина, како и најголемото наше духовно богатство – манастирот Св. Јоаким Осоговски.

Со професорот Павловски поразговаравме за неговото кривопалачнеко потекло, корени, за неговите сеќавања поврзани со Крива Паланка, за неговите професионални успеси...

 

 

Вие /вашето семејство имате кривопаланечко потекло; кажете ни нешто повеќе за вашите корени? 

Јас сум роден во Крива Паланка, каде живеев се до моментот кога го продолжив своето високо образование во Скопје, а потоа во странство. Сè уште многу често одам со моето семејство во Паланка и таму ги поминувам викендите и слободното време, особено во лето, така што иако во моментов живеам во Скопје, воопшто не чувствувам дека сум се преселил. Јас потекнувам од фамилијата Павловски. Татко ми беше омилен „народен лекар“ и поради неговиот благороден однос кон пациентите меѓу населението беше познат како „доктор Добре“, а за неговите колеги лекари беше доајенот на медицината во Паланка. Лекарската практика ја извршуваше ден и ноќ, и на терен одејќи и на најнепристапни места, дури и во зима кога имаше многу снег, најчесто со медицински џип. На пациентите и по пензионирањето не им наплатуваше за прегледот и услугата, а понекогаш и потребните лекови им ги даваше бесплатно. Неговата професионална мисија беше да помогне на што повеќе болни луѓе. Мајка ми, Јадранка, беше виша медицинска сестра која долги години работеше заедно со татко ми и пружаше медицинска нега и грижа на болните во Здравствениот дом во Крива Паланка. Моите предци, потекнуваат од Кривопаланечкото село Мождивњак. Родителите на татко ми, дедо ми Кузман и баба ми Пена беа скромно и чесно занаетчиско и земјоделско семејство. Дедо ми бил столар и многу вешт мајстор кој целото многудетно семејство го издржувал со својот занает. Талентот за музика најверојатно сум го наследил од него, бидејќки тој свирел на неколку македонски народни изворни инструменти: тамбура, гајда и кавал. Додека родителите на мојата мајка, Стојко и Милка, беа просветни работници, учители, кои по ослободувањето на Македонија најдолго работеле во околните села и речиси многу кратко во Крива Паланка, придонесувајќи во образованието на многу генерации ученици. 

На што најмногу се сеќавате од Крива Паланка и кои емоции Ви се будат кога ќе спомне Вашето родно место?

За среќа, се сеќавам на многу работи, би можел и книга да напишам. Секогаш кога ќе се спомне Крива Паланка ми се јавува чувство на носталгичност, особено во периодот кога студирав и живеев во странство, затоа што со срцето и мислите бев дома. Се сеќавам на некои ликови и настани кои оставиле длабока трага во мојот развој во тој период од животот...на мое големо задоволство и ден денес имам можност да сретнам дел од нив кога се шетам низ „чаршија“...се сеќавам староградската архитектура и на соседните турски куќи во мојата „ага-си“ маала, изградени на најубавото место во градот, на вливот на двете бистри и брзи планински реки, Крива река и Дурачка река. Се сеќавам на детските игри, на првите школски денови кога „бегав“ од часови и не сакав да одам на училиште, на првата свадба во соседниот двор, на стариот пазар и гужвите за време на викенд, на секвенци од карате тренинзите, проби во фоклорните друштва, првите симпатии..., на првиот филм што го гледав во кино „Е.Т.“, на многу концерти во „Домот на култура“ кога доаѓаа многу уметници од екс-Ју естрадата... Исто така, постојано пред моите очи е погледот кон врвот Лисец...се сеќавам на мојата детска љубопитност и желба да го откријам и да го видам светот што се крие зад хоризонтот на планината... 

Како изгледаше Вашето детство во Крива Паланка? 

Можам со задоволство да кажам дека имав среќно и безгрижно детство. Многу блиски соседи и роднини ми раскажуваат дека сум бил хиперактивно и многу немирно дете. Се сеќавам дека секој ден сакавме колку што е можно повеќе време да поминеме играјќи се надвор. Тогаш не бевме зависни од интернет со мобилни и таблети како децата денес. За среќа скоро сите деца од нашата улица бевме на иста возраст и на игрите им немаше крај. Како што растевме и го осознававме светот околу нас, така се менуваа и игрите во тие детски денови: игравме „мавачка“,  „жмурка“, се лулавме на лулашките и се лизгавме на двете големи лизгалки во градинката, игравме „газози“ во дворот на соседите или на старото пазариште каде што доаѓаа деца од целиот град, учествував во маалски детски тепачки... Подоцна, кога веќе почнавме да одиме во училиште, игрите се менуваа и игравме фудбал и кошарка во школскиот двор, тенис со фудбалска топка,... во лето ловевме риба во река, одевме да пливаме на градскиот базен за време на школскиот распуст, а во зима се санкавме кога имаше снег по најстрмната улица во градот близу школото „Илинден“ каде живееја моите дедо и баба... Како дете да бидам искрен малку време поминував со кларинетот... додека се играв со децата многу често морав да прекинам со играта за да одам во музичкото школо за да имам часови. Се сеќавам дека со саати свиревме дуети со мојот прв учител Љупчо Тренчoвски. Контактот со класичната музика и уметноста имаше големо влијание на мене за да почнам многу време во моето детство да поминувам со кларинетот, и да сфатам дека нема лесни методи и брзи начини да се научи да се свири на музички инструмент, што придонесе подоцна да се посветам и професионално. 

Кое беше Ваше омилено место  каде го поминувавте вашето време; и денес што прво правите кога одите во Крива Паланка? 

Мое омилено место беше и остана Манастирот Св. „Јоаким Осоговски“, кое што и ден денес често го посетувам како духовно, културно и туристичко место. Како ученик и студент се шетав и уживав во прекрасните пејсажи и живописната природа околу манастирот која ги менуваше боите како што се менуваа и годишните времиња. Речиси секој ден пешачев или џогирав од нашата куќа до манастирот, во потрага по духовно вдахновение и инспирација, во обид да се релаксирам како и да бидам во добра психо-физичка кондиција. Ако манастирот беше отворен кога ќе влезев во внатрешноста чувствував исконска позитивна енергија која во мене раѓаше душевен мир и спокој, независно дали седев на столчињата немо набљудувајќи ги иконите и фреските или стоев пред олтарот во молитва. Тишината која владееше оставаше впечаток како времето да застанало за миг и ми помагаше во осаменоста да ги слушнам моето срце и мојата душа, да го пронајдам моето внатрешно јас. Исто така, овој духовен храм далеку од градската врева беше вистинското место за одмор.

Како љубител на природата многу време поминував на вода, природа и чист воздух и сè уште поминувам покрај реките во Крива Паланка, едната Егри Дере што кривули низ Сарандопорската клисура, а другата низ кањонот во селото Станци, кои со својот жубор сведочат за постоењето на градот и ме потсетуваат на многу интересни моменти кои како спортски рибар сум ги поминал во обид да се фати некоја риба повеќе и да се искористи убавиот ден со многу сонце како излет во неповторливо доживување со многу возбуда. Јас уживам во паланечката природа и импресивните глетки на изгрејсонцето кога рано наутро се раѓа нов ден одејќи на риба или пак навечер на зајдисонце кога ги шетаме децата заедно со сопругата по кејот на Крива Река. Престојот во природа го доживувам како излез или бегство од градскиот џагор и скопскиот сообраќаен метеж.

Денес кога ќе отидам во Крива Паланка многу често по навика знам да се прошетам низ главната улица и да седнам во слаткарницата „Спорт“ на единствените сладолед, балклава со вишна и боза, или да свртам некој круг по кеј на двата брега на Крива Река обидувајќи се да се вклучам во бавниот ритам на градот и животот без брзање и многу стрес, одмарајќи го погледот на зелените падини и густите шуми кои го прегрнуваат градот од сите страни. Тие кратки прошетки ми се како реминисценција на некои моменти од минатото.

Што зборувате од срце за Крива Паланка и поради што топло ја препорачувате?

Крива Паланка е рај за љубителите на природата. Сместена под падините на Осоговските планини е вистинско место за одмор, туризам, спорт и рекреација за сите кои ќе ја посетат. Осоговските планини изобилуваат со убава природа богата со извори и реки, чист планински воздух, здрава храна, потоа високи дабови и букови шуми со разновиден растителен и животински свет, места за излети, велосипедизам, лов и риболов, планинарење и искачување на околните врвови како што се Калин Камен, Руен, Царев врв, потоа Станечките водопади како атрактивна природна убавина...Би ги замолил кривопаланчани за поголема грижа и повисока еколошка свест за зачувување на овие природни богатства од загадување и уништување...Исто така, Крива Паланка е прекрасна во лето. Таа има умерено топло лето со пријатни дневни температури и свежи ноќи кои се одишка од високите летни температури во Скопје. Крива Паланка изобилува и со историски места и архиолошки наоѓалишта кои можат да претставуваат интерес на многу посетители како што се: еден од најубавите македонски манастири - манастирот Св. „Јоаким Осоговски“, неговата испосница во с. Градец, средновековните Цркви св. Никола во с. Опила и с. Псача, гробот на еден од првите македонски преродбеници Јоаким Крчовски кој се ноаѓа во градската црква св. Димитрија, потоа археолошкиот локалитет Градиште...Понатака во Крива Паланка и нејзината околина се наоѓаат фурни, ресторани и многу угостителски објекти со мали зоолошки градини кои се интересни за децата, и каде жителите и посетителите можат да консумираат покрај јадења од вообичаеното мени и некои од паланечките специјалитети: паленечки симит, пастрмајлија, баници и зелник под вршник, сушеници и печења од месо...

Која е вашата професија и кои се вашите моментални ангажмани?

Јас сум кларинетист, доктор на музички науки и уметности, и во моментов работам како редовен професор на Факултетот за Музичка Уметност на Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип. Претходно бев асистент на Факултетот за музичка уметност при Државниот Универзитет на Луизијана и наставник по кларинет во ДМБУЦ „И. Николовски-Луј“ во Скопје. Покрај мојата педагошка дејност, моја примарна активност е концертното делување како музичар изведувач, т.е. јас сум солист и член на повеќе камерни состави, како и Македонскиот симфониски оркестар ФАМЕС во Скопје чија намена е студиско снимање. Истотака, како кларинетист имам работено во повеќе оркестри во светот: Батон Руж симфонискиот оркестар, Акадиана симфонискиот оркестар, Моцарт оркестарот во Прага, Ансамблот за современа музика на Конзерваториумот во Версај, Воениот оркестар на АРМ, Македонската филхармонија и други. Дел од моите моментални професионални ангажмани вбројуваат солистички концерти на неколку фестивали во Македонија и  сега сум во фаза на подготовка на дел од програмата од кои би спомнал некои од нив: концерти на фестивалите Скопско лето, Златна лира, Денови на македонската музика и Есенски музички свечености. Исто така дел од моите идни ангажмани годинава вклучуваат концерти во Турција, Србија и САД, доколку пандемијата дозволи да бидат реализирани.

Вие како солист и камерен музичар сте настапувале во повеќе држави низ светот. Колку ви значеше тоа за вашето музичко искуство и портфолио. 

Многу, затоа што тие настапи се дел од мојата меѓународна кариера кои ја збогатија мојата професионална биографија. Јас мислам дека ништо не може да ги замени настапите. За еден репродуктивен уметник на музички инструмент искуството од јавните настапи на концертниот подиум се најголемото богатство. За време на тие настапи сум имал можност да соработувам со многу уметници од многу националности од светот, да настапувам во различни сали, на пример во САД салите се многу големи, да свирам во подобри услови од кај нас, но највредно искуство беше тоа што за време на пробите и концертите не обединуваше универзалниот јазик на музиката во моментална синергија со единствена цел да постигнеме една врвна музичка изведба. За мене, од сите уметности музика е најсложена. Со право се зборува дека музиката почнува таму каде што зборовите престануваат...Музичарот изведувач мора во себе да носи одредена концепција - облик и содржина на делото кое го репродуцира, и при тоа на секоја музичка мисла мора да и даде и печат на субјективно доживување. За мене секогаш беше и сè уште е предизвик кога треба да настапам пред нова публика и во нова сала, особено во град кој претставува културен центар со долгогодишна музичка традиција, затоа што кога зборуваме за интерпретација на едно музичко дело „нотите не се музиката... музиката е однос помеѓу музичкото дело и слушателот, а музичкото доживување не е само акустична појава туку и човечка“. Покрај верното прикажување на тоа што композиторот го создал со своите чувства, творечка имагинација и композиторска техника, репродуктивниот уметник мора делото да го надахне и со своите лични внатрешни чувства.  Денешната музичка публика со својот веќе изострен вкус ги цени и прифаќа  само оние уметници кои со своите искрени и длабоки чувства, богата фантазија и вкус успеваат да создадат врска помеѓу делата и слушателот.

Исто така, настапите придонесуваат да станете успешен и да изградите позитивен став дека всушност вие тоа го правите. Тие придонесуваат да се стекнете со самоувереност и психичка стабилност, затоа што е потребен висок степен на самодоверба за да уметнички се изведува. Музичарот изведувач како репродуктивен уметник е во многу потешка положба од останатите уметници заради тоа што е изложен и на многу случајности; тој е подреден на расположението на своето тело и карактеристиките на својот инструмент. Секое изведување бара и посебна енергија која поминува низ телото. Канализирањето на таа додатна енергијата бара осмисленост, концентрација и искуство. Доколку таа енергија е контролирана и насочена преку личноста само во еден правец – во овој случај музиката, таа само ќе помогне во успешното изведување. 

Вие сте добитник и на многу награди и признанија, меѓу кои и: наградата „Златна Лира“ за врвни уметнички достигнувања, Музичката награда на Луизијана, наградата „26 јули“ за најдобар студент на Факултетот за музичка уметност и пофалница по повод 50-годишниот јубилеј на Универзитетот “Кирил и Методиј“ во Скопје како признание за постигнат најдобар успех за време на студиите, наградата „8 Октомври“ на градот Крива Паланка за постигнати значајни резултати  од областа на културата и музичката уметност. Истотака, вие сте лауреат на повеќе државни и меѓународни натпревари по музика во Македонија и во поранешна Југославија, прва награда на МТНА натреварот по камерна музика во Хемонд, САД.  

Колку ви значеа за вас и вашата лична сатисфкација?

Наградите ми претставуваат голема лична сатисфакција, особено последната награда која ми ја додели Сојузот на музички уметници на Македонија за врвни уметнички достигнувања минатата година. Наградите пред се значат признание за вложениот труд и работа, вреднување на мојата концертна дејност и моето општествено делување во средината во која живеам. Исто така, наградите се на некој начин и еден вид на мотивација и стимул за понатамошна работа.  Јас сите овие награди никогаш не сум ги доживувал како само мои, туку како заеднички успех, и секогаш сум ги споделувал со сите луѓе кои постојано ме подржуваа, помагаа и веруваа во мене и во тоа што го правам, пред се мојата фамилија, но и многу професори, колеги и пријатели.  

За крај, што би направиле за Крива Паланка за да оставите траен белег за идните генерации? 

-Крива Паланка била развиена уште од првата половина на ХХ век како пазарно, занаетчиско и трговско место, а особено забележителен е културниот развој по ослободувањето кога започнува и индустријализацијата со многу фабрики. Јас се сеќавам дека градот имаше богат културен живот и многу културно-уметнички настани, затоа што кога бев во Крива Паланка и учествував на некои од нив. Тогаш навистина „Домот на култура“ имаше многу значајна улога и во рамките на неговите активности свирев во фолклорно друштво, староградско друштво каде се пееја староградски песни, потоа во рок-поп бенд итн. Така до ден денес во градот остана таа традиција на културно-уметничко живеење со фестивали на фолклор, на староградски песни, детски песни, театарски фестивал, рок-поп фестивал, фестивал за карикатура, ликовна колонија, колонија на копаничари, школа за архитуктура. Во последно време се изненадив кога видов плакати на гала концерти на класична музика.

Понекогаш размислувам можеби тој мозаик на културни манифестации и фестивали во градот би можел да помогнам да се збогати и со фестивал на класична музика, кој би промовирал вистински уметнички вредности и би можел да остави траен белег за идните генерации. Со оглед на тоа дека музиката е временска уметност јас со задоволство би можел и да настапам со солистички концерти или да одржам семинари и работилници за учениците од нижото музичко учичиште, вели Павловски.

Може да се гордееме со нашите успешни, а скромни кривопаланчани. Бранко денес родната Крива Паланка ја претставува преку најубавиот јазик на уметноста – музиката. Иако со ноти испишува професионални успеси, патувајќи преку звукот на музиката и талентот секаде по светот, тој, Крива Паланка си ја носи во срце, онаму каде жуборот на реката, или тишината во планинината се најубавата музичка мелодија.