Црквата посветена на Св.Никола Чудотворец е манастирска црква од типот на еднокорабни градби, со полукружна апсида и покрив на две води. Постојат две години како можни за настанокот на црквата 1505 или 1605 година. Кон западната страна е дограден затворен трем со два влеза (XIX век), додека на јужната страна се наоѓа и отворен трем. Над западниот влез однатре е сочуван ктиторкси натпис од кој се дознава дека ктитор бил презвитерот Пејо со неговата „подружија“Пројка.
Тематската програма на ѕидното сликарство не отстапува од вообичаените канони на пост-византиското сликарство. На сводот од исток кон запад во четири медаљони впишани во квадратни полиња се претставени Исус Христос од Вознесението носен од четири ангели, Христос Пантократор, Богородица Оранта и Исус Христис Ангел на Великиот Совет. На четирите агли од коработ се претставени евангелистите. Потоа следуваат допојасни ликови на старозаветни пророци, под кои се претставени сцени од Гоемите Празници и фриз од медаљони на допојасни маченици.
Во првата зона се претставени стоечки фигури на светители. На исток во конхата на апсидата е претставена Богородица од типот Знамение со Христос во медаљон на градите и литургиска служба на светите архиереи на Исус Христос Агнец.
Од живописот можат да се издвојат: фреската со раѓањето Христово т.е. насликана е црвената витлеемска ѕвезда која е исклучителна појава во византиското сликарство; фреската на Св.Никола со евангелие во раката која се наоѓа во ѓаконикот наместо пред иконостасот на јужниот ѕид каде пак се насликани претстави на Св.Теодор Тирон и Св. Теодор Стратилат; фреската со претстава на локалниот анахорет Св.Јоаким Сарандопорски (Осоговски) чиј култ бил силен во овие краишта; претставата на првиот српски архиепископ Св.Сава облечен во бел фалон.
Ниската олтарна преграда е од типот на двокатен иконостас што го дели олтарниот просор од иконостасот. Од првобитните икони се сочувани само Дејзисот, наддверието, на кое е насликана темата Христос Недремано око, и царските двери со прилично оштетеното Благовештение, а од распетието се сочувани два крака од крстот и долниот дел од основата.