Што да пробате. Кога сте веќе во Крива Паланка ви препорачуваме да прошетате низ Кривопаленечката чаршија, да влезете во паланечките дуќани и мали ресторанчиња и да вкусите некој од традиционалните специјалитети на овој град. Ви препорачуваме да пробате Кривопаланечки симит кој е бренд на градот и нешто по кое што Крива Паланка и Кривопаланчани се препознатливи во државата и пошироко. Истиот има специфична форма и вкус, а направен е по стар паланечки рецепт. Се предлага за купување во неколку дуќанчиња низ чаршијата. За подобро уживање во вкусот на симитот препорачливо е да се консумира со ајвар, сирење, путер или таан алва.
Низ многуте ресторанчиња во градот нарачајте паланечка пастрамајлија за која сигурно ќе ви речат дека е најдобрата од сите други кои се предлагаат во регионот на источна Македонија. Таа е подготвена со суво домашно пушено месо, прелиена со јајца и сирење и испечена во фурна на дрва. Вистинско задоволство од вкусови.
Ако сте љубител на месо и месни производи Ви препорачуваме да порачате ќебапчиња или плескавица и да го доловите вкусот на ориентот сеприсутен во балканската кујна. Рестораните предлагаат и други месни специјалитети како вешалица, ражничи, стек, ребро во фурна и друи месни специјалитети сите вредни за дегустација. Некои од нив се специјализирани и за рибни специјалитети така што нема да зажалите ако порачате и парче пастрмка или пржен крап на парчиња сервиран со чаша квалитетно бело вино.
Ако веќе се сити од вкусното и обилно јадење и ако се шетате низ чаршијата во Крива Паланка не заборавајте за десерт. Седнете во паланечките слаткарници на горна чаршија и порачајте чаша боза или лимонада подготвени по традиционален рецепт или засладете се со парче баклава, тулумба или шампита. Денес слаткарниците предлагаат широк репертоар на слатки кои имаат врвен вкус.
На крајот на вашето уживање со вкусовите на градот Крива Паланка завршете го со турско кафе и локум и уживајте во меланхоличниот звук на градот, сончевиот сјај и чистиот планински воздух.