Крива Паланка е нејзиниот роден град, Македонка е чија што лулка е светот- тоа е нашата Oливера Јанковска Бајај: директорка за образование на градоначалникот на Хјустон, САД, Силвестер Тарнер, но и академски истражувач, хуманитарка во UNICEF USA, активист за развој и едукација на млади, автор на книги за татковината. Денес живее и работи во Хјустон но иако е илјадници километри од родното место, Оливера со срце говори за својот роден град: „Во Крива Паланка се враќам секогаш кога имам значајни моменти од мојот живот, зашто тоа е единственото место каде се чувствувам комплетно дома“. Со Оливера Јанковска-Баџаџ се навраќаме во нејзиното детство во Крива Паланка, во училиштето кое и било втор дом, во безгрижните времиња во родниот крај, кој топло го препорачува на сите бидејќи, како што вели: „Во секој дом во мојата Крива Паланка сте гостопримливо угостени како роднина“.
Оливера, родени сте во Крива Паланка. Од коja фамилија се вашите корени и на што најмногу се сеќавате од родното место, какви емоции се будат кога ќе се спомене градот во кој растевте?
Јас потекнувам од фамилијата Јанковски, Крива Паланка, а мојот роден град и околината ми се многу драги и имаат посебно место во моето срце. Корените ми се длабоко вгнездени таму и секогаш ме влечат назадкога имам важен настан во мојот живот. Во таквите моменти секогаш се навраќам во моето мало градче, Крива Паланка - за мене единственото место каде се чувствувам комплетно дома, затоа секој мој животен чекор или пак голем момент се прославува дома. Најмногу се сеќавам на времето поминато во училиште. Многу сакав да учам и секогаш сум била приврзана за книгите, особено со моите учители и професори. Сèуште сонувам сеќавајќи се на моите чекори во моето основно училиште „Илинден“ и во мојата гимназија. Училиштето беше мој втор дом и секогаш барав прилика да останам што повеќе, преку воннаставните активности во кои учествував или пак волонтирав. Многупатиккао дете останував да ја средам училницата во „Илинден“ или пак само да шетам по тивките ходници и да ги гледам сите фотографии и училишни постери. Не одмарав дури ниту за време на малиот, петминутен, одмор, туку сиги замислував приказните за тие што ги гледав на огромиот алманах, сонувајќи дека еден ден и јас ќе успеам. Јас потекнувам од сиромашно семејство, па гледајќи ги успесите на другите, се инспирирав и мотивирав да учам и да станам успешна.
Како изгледаше Вашето детство во Крива Паланка? Зошто е добро и убаво да се расте во ваков град?
Јас го поминав моето детство во природа, учење и воннаставни активности, а тоа е големо богатство и од огромна важност за секое дете.Бидејќи мојата фамилија егзистираше од земјоделие, моете семејство секогаш беше активно со одгледување животни и одржување зеленчукови градини. Јас не се плашев од работа тогаш, а тоа ме научи да бидам вредна и денес, бидејќи знам дека тоа искуство ме подготви за сè во животот.Исто така во детството постојано читав, нон-стоп во малата библиотека во Центарот за култура барав книги од најразлични области, а кога ги немаше таму, храбро се јавував кај моите учители и професори и позајмував книги. Сите беа зачудени зошто барав „екстра“, во период додека сите ученици беа посветени само на лектири и она што беше задолжително. Се сеќавам еднаш ѝ се јавив на професорката Благородна Цветковска и ги побарав сите томови од Виктор Иго. Таа беше вчудовидена, но ми ја оствари желбата, а јас поминав едно цело лето читајќи ги сите книги под оревот во детската градинка близу мојата зграда. Исто така посетував часови по англиски јазик, компјутери, драма, играорна и бев дел од многу невладини организации.Во моето време, тоа беше зародиш на овие организации во Крива Паланка и јас бев дел од основачките тимови, помагајќи колкушто можев и со сè што знаев и умеев.
Како изгледаа Вашите училишни денови, прва учителка/омилен наставник, најдобар совет што сте го добиле од нив?
Многу го сакав училиштето и бев многу поврзана со моите учители и професори. Не можам да го кажам истото за моите соученици, зашто бев многу дискриминирана бидејќи бев сиромашна, не носев нова облека, но и дека бев одличен ученик кој не сакаше да „бега“ од часови. Мојот прв учител, Кирче во Илинден секогаш ќе биде во моето срце бидејќи ме охрабри да кренам рака секогаш кога го знаев одговорот на прашањето. Јас се плашев затоа што децата обично ги вртеа очите бидејќи мојата рака секогаш беше горе. Многу сакав да раскажувам пред табла и сега знам од каде доаѓа мојата сила да станам и да држам говор пред илјадници луѓе, што го правам денес.Научив како да одржам говор за оние што слушаа, но и за оние што не слушаа. Од моето детство научив дека ние имаме совршено образование, но ни недостига посветеност на детските чувства и борба против дискриминацијата. Мислам дека треба да има повеќе посветеност за градење на разбирање и прифаќање на различностите меѓу соучениците, особено на поделбите: деца од село - град, деца од сиромашни – богати семејства, деца со академска надареност и деца на кои им е потребна дополнителна помош и поддршка.
Се сеќавате ли на Вашата полуматура,подоцна и матура? Раскажете ни како поминавте, што беше тогаш модерно и паметите ли некоја анегдота?
Се сеќавам како да беше вчера... тоа се моменти кога ќе можеш слободно да им кажеш на професорите дека ги почитуваш и дека ти имаат дарено сила за да продолжиш успешно во животот. Кај нас е можеби сеуште „табу“ да им искажеш благодарност на луѓето и учениците обично не делат пофални зборови за своите ментори, но и за своите и родители. Мислам дека сега е малку сменето и гледам дека понекогаш има и торта за роденденот на некој/а професор/ка. Јас се сеќавам дека имаше неколку професори што многу сакав да ги гушнам и да им кажам огромно благодарам за сè што направија за мене и што веруваа во мене. Сакав да и кажам на професорката Кате дека многу го ценам нејзиниот труд да ми напише препорачно писмо на англиски, сакав да и кажам на професорката Кики дека таа беше единствена што ме охрабруваше дека ќе ги поминам сите тестови по англиски, сакав да и кажам на професорката Лидија дека сум бескрајно благодарна за сите преводи на документи, за многу од кои не бев ниту во состојба да платам. Листата на луѓе е долга, но сакам да знаат дека имаат посебно место во моете срце. Единствено што сакам да споделам негативно е притисокот помеѓу учениците да купат скапа облека за матура. Јас се сеќавам мајка ми земаше заем за да можам да купам фустан, затоа што знаев дека ќе бидам озборувана ако се појавам со нешто поскромно. Сакам да ги охрабрам сите ученици да се посветат на успесите и да прослават матура за завршено образование, а не како вечер каде што сите ќе се оценуваме кој што носи. Исто така сакам да ги охрабрам учениците да бидат солидарни и да соберат заеднички средства да им помогнат со облека на другите што не можат да си купат за оваа „специјална“ вечер кога секој сака да изгледа совршено, но нашите родители се пожртвувани и ќе се задолжат, со долг што можеби ќе им биде камен на срце многу години, како што беше за моите родители.
Како се одвиваше Вашиoт професионален пат, што работите денес и кое е мотото што Ве движи напред?
Јас сум многу задоволна од тоа каде сум професионално денес, но тој успех го должам на моите родители, роднини, професори и сите волонтери и невладини организации кои го препознаа мојот талент и помогнаа да си го остварам сонот. Денес јас сум магистер - економист и академски истражувач при Универзитетот „Рајс“(Rice University Huston), престижен приватен универзитет во Хјустон. Исто така бидејќи сум приврзана кон мојата лична мисија во животот да им помогнам на децата што живеат во лоши економски услови, работам во UNICEF USA, хуманитарна организација за деца што работи во 190 земји во светот, вклучувајќи ја и Македонија.Покрај овие професии, јас исто така сум уметничка душа и многу сакам да творам, играм и пеам.Таа пасија ја развив благодарение на Станче и Зоран Стојановски, кои беа единствените во градот што разбираа дека децата треба да се посветат на уметноста и држеа часови по играорна, драма и поезија. Тие беа хероинамојот креативен пат.
Денеска сум дел од хорот ‘International Voices Houston (Интернационални вокали Хјустон),како сопран – вокал, но и сум лидер на многу организации посветни на интернационален развој, особено на децата. Дел сум и од Обединетата Македонска Дијаспора, кадешто работам на зачувување и презентација на моето македонско потекло.
Неодамна ги објавивте првите книги од серијата „My homeland“ ( Мојата татковина) создадени да го заинтересираат детето за татковината, книги кои станаа ултра-популарни на „Амазон“ каде се најпродаванин. Од каде идејата и инспирацијата за вакви дела?
Отсекогаш сум сакала да творам и да пишувам. Уште од мали години бев дел од клубовите за драма и поезија, а омилен час секогаш ми беше македонски јазик и нестрпливо чекав пишување есеи. Се сеќавам, професорите ни даваа три теми, од коишто едната ја одбираа за писмена, но јас секогаш ги разработував сите теми, десетици пати и не само за мене, туку и за сите мои соученици кои не сакаа да пишуваат. Тоа е мала тајна, што сигурно ја знаеја и професорите, но многу се радував кога ќе напишам десетина есеи на истата тема. Оттука, она што особено ме радува е што од неодамна сум авторка на серии книги за деца „My Homeland“ (Мојата Земја), кои се посветени на деца на иселеници, за да научат да ја сакаат татковината и да бидат приврзани за нивната култура.Во 2017 станав мајка на момченце, Вејан, кој живее во Америка, но потекнува од Македонија по мајка и од Индија по татко. Сакав да најдам начин да го охрабрам да биде горд на своето мултиетничко богатство и се плашев дека кога ќе порасне ќе биде збунет. Тогаш се роди желба да му напишам книги со магична хипербола на неговите татковини. Посакував кога син ми ќе порасне да се чувствува стопроцентно дел од сите три негови култури, па така почнав да ги пишувам книгите, кои на мое огромно изненадување, се многу популарни и сега работам на вториот и третиот сет книги. Моите книги секогаш презентираат девојче и машко како главни протагонисти, зашто сум силен поборник на концептот за родова еднаквост. Следните книги се: „Мојата Македонија: Желбата за Откритија“ („My Macedonia: A Journey of Discovery“).
Соработник сте за глобално државјанство на УНИЦЕФ во САД, што подразбира тоа?
Конкретно, работам на поттикнување на граѓанската совест за помагање на другите, особено на децата на кои им треба помош за да го постигнат својот врвен потенцијал и да ги остварат своите желби. Работам со млади, со организации, религиозни институции, универзитети, политичари, државни установи и останати за да создадам заедница на луѓе што ќе се активираат да им помогнат на децата. Досега имам соработувано со повеќе од 17 000 странки. Работата со УНИЦЕФ ми е пасија бидејќи сакам да ѝ возвратам на организацијата која ми помогна мене кога јас немав доволно средства за да учам и да се надградувам.
Носителкасте на признанието „Топ 30 влијателни жени во Хјустон“, добитничка сте на „Награда за волонтерски сервис на американскиот претседател“ во 2017 година и „ОМД награда за македонска дијаспора 40 најуспешни жени од Македонија под 40 години“. Што значат завас овие признанија и награди?
Јас навистина не можам да ги прифатам овие награди како мои лични, припишувајќи ги само за себе, бидејќи мојот успех го должам на мојата фамилија најпрвин, но и на мојот тим луѓе кои ме поддржуваат и ме инспирираат да го работам тоа што го сакам. Со сите овие награди бев пријатно изненадена и навистина не ги очекував, бидејќи носам менталитет на скромност и понекогаш мислам дека не ги заслужувам. Затоа сакам сите овие награди да ги посветам како заслуга на сите што веруваат во мене и ми даваат можности да дејствувам.
Што зборувате од срце за Крива Паланка и поради што топло ја препорачувате?
Зборувам за луѓето, за тоа дека секоја куќа е ширум отворена секому и секаде сте угостени како роднина, како Бог. Многу странци кои сум ги донела да ја посетат нашата Македонија секогаш се воодушевени од гостопримството, како во Крива Паланка, така и насекаде ширум мојата татковина.
Што најмногу Ви недостига од дома, од Крива Паланка?
- Боза од нашата слаткарница или чај во кафуле?
Чај
-Домашен зелник или кривопаланечки симит?
Симит
- Излет на Калин Камен или кафе во центарот на градот?
Излет
За крај, како би помогнале во Вашиот град, што би направиле и која е Вашата порака до сите Кривопаланчани, деца или внуци, на некои што потекнуваат оттука?
- Јас секогаш ги охрабрувам младите деца, особено девојчињата, да не се откажуваат, со акцент на образованието, кое ќе им го креира и трасира патот во животот. Сакам да им послужам како пример дека сè е можно, ако се сака. Јас сум вистински пример, бидејќи никој не веруваше дека можам да успеам или пак да одам на факултет поради мојата финансиска ситуација. Сакам да сум пример дека сите кои не веруваа, грешеа, и ги охрабрувам младите кои се чувствуваат обесхрабрено. Тука сум за помош и поддршка на сите кои имаат каква било потреба до консултација. И морам да нагласам дека негувањето на македонската култура е дел од нашиот идентитет, а без чувство на припадност, нема успех. Каде и да сте, негувајте ги вашиот јазик, култура и традиција.
Оливера Јанковска Бајај е гордост на Крива Паланка, во мај годинава таа е назначена за главен службеник, директорка за образование во канцеларијата на градоначалникот на Хјустон, Силвестер Тарнер.
Функцијата, во нејзин препознатлив стил, најави дека ја превзема и прифаќа со благодарност, посветеност и одговорност кон образованието за сите. Секако, неминовно и во оваа нова епизода од нејзината богата кариера, не пропушти да се заблагодари и да упати поздрав до својот роден крај и сите од Крива Паланка, со што уште еднаш потврди дека Крива Паланка е во нејзиното срце, а и тука единствено е своја на своето и тука и е најмногу драго да го прослави секој успех од животот.