Црквата Св.Димитриј во Крива Паланка е изградена во 1833 година со залагање на градските првенци и поклоници-аџии, меѓу кои бил и самиот ктитор Давид Јереј, што се потврдува со натписот над влезната врата. По својата архитектонска концепција, црквата е трикорабна базилика со кров на две води, со ниска полукружна апсида и отворен трем на западната и северната страна. Првичната камбанарија која била дел од придружните црковни простории, во 1935 година е заменета со нава камбанарија на јужната страна од црквата.
Во западниот дел од црквата има галерија на кат во форма на буквата П, чие што украсување потсетува на ентериерите на богатите куќи од XVIII и XIX век, особено присутни во Костурско.
Иконостасот е богато декориран со флорални мотиви и пејсажи (на парапетните плочи и лунетите над престолните икони), а Распетието и Царските двери се изрезбани и позлатени. Има три реда на икони изработени во втората половина на XIX век.
Во целата црква се евидентирани вкупно 104 икони. Наосот е живописан во 1887 година, за што сведочи натписот на внатрешната страна од западната врата, кој прилично е оштетен. Олтарниот простор не е живописан, а живописот на западната фасада е дело на Димитар Андонов Папрадишки.