Елена Мартиновска, успешен архитект од Крива Паланка: „Градот нуди леснотија на живеење без стрес, органска храна, недопрена природа и раскошна идилична атмосфера. Иако сум отсутна две декади, ме радува што го гледам како мојот град постојано се развива и би препорачала да се сочува природата, да се промовираат планинарски тури на врвовите околу градот коишто се привлечни за планинари ширум земјава и надвор од неа, што би повлекло развој на угостителството и зголемување на сместувачките капацитети во градот“.
Мартиновска денес живее и работи во Скопје, успешен архитект е, сопственичка на „Метат студио“. Со радост се навраќа на леснотијата на живеење, денот без брзање, без стрес и без гужви во сообраќај, за стигнувањето пеш секаде, за погледот со зеленило на секоја страна...Ја препорачувам мојата Крива Паланка заради органските овошје и зеленчук, вграњот на Калин Камен, дивите јагоди и чаеви по планините, превкусните специјалитети во неколкуте ресторани од локални состојки и секако паланечкиот симит.
Како обележје и посебен белег на Крива Паланка, ја издвојува фонтаната во градскиот парк, а незаборавен е, вели, периодот поминат со прошетки во идиличната атмосфера на патот до манастирот Св.„Јоаким Осговски“.
-Крива Паланка се за мене и познатата кривопаланечка слаткарница и нејзиниот специјалитет – бозолед, како и првите вистински пријателства кои ги негувам до ден денешен. Иако долго време не сум во родниот град, моето мало градче, забележувам и среќна сум постојано се развива:. Можам да забележам дека градот се движи нанапред, вели Елена.
Токму затоа, ќе рече, секогаш кога доаѓа во Крива Паланка, задолжително оди пеш до манастирот, низ градот и на кафе во „Минт“, каде се гордее што како архитект-дизајнер успеала на барање на сопствениците, да создаде урбано катчем за сите жители и посетители.
Вие и вашето семејство иматекривопаланечкопотекло, кажете ни нешто повеќе за вашите корени?
Моите родители потекнуваат од околните села на Крива Паланка, поточно мајка ми од село Станци, татко ми од село Црцорија, а живеевме во градот до 2000-та година. Фотографијата е од куќата на мајка ми каде што одевме често во 90-те години кај нејзините родители кои живееја таму, додека во селото на татко ми не сум била бидејќи неговите родителиживееја со нас во градот. Во план ни е со брат ми да го посетиме периодов што претстои.
На што најмногу се сеќавате од Крива Паланка и кои емоции Ви се будат кога ќе спомне Вашето родно место?
Најмногу се сеќавам на фонтаната во паркот, круговите од коцка околу двете фонтани на стариот плоштад, стариот пазар, патот до манастирот „Јоаким Осоговски“, школските дворови на основните училишта, како и фамозната слаткарница со своето откритие бозолед.
Исто така се сеќавам на првите вистински пријателства коишто за среќа, со неколку другарки од мали нозе, сеуште ги негуваме и се трудиме да ги пренесеме на нашите деца.
Како изгледаше Вашето детство во КриваПаланка?
Безгрижно. Уште на претшколска возраст се движев сама по улиците и со децата од маало си игравме без надзор од родител, што во денешно време не може да се замисли. Паметам групи деца со кои од утро до вечер игравме разно-разни игри на улица и буквално по цел ден не се прибиравме дома, додека да не „подберат“ родителите.
Кое беше Ваше омилено место каде го поминувавте вашето време и денес што прво правите кога одите во Крива Паланка?
Се сеќавам дека многу шетавме по кеј, круг-два околу градот беа задолжителни скоро секој ден. А денес кога одам, секогаш одам пеш до манастирот Св.„Јоаким Осоговски“, до слаткара и по неколку пати во денот, до парк, а од лани задолжително и до "Минт бар".
Што зборувате од срце за Крива Паланка и поради што топло ја препорачувате?
За леснотијата на живеењето којашто тогаш ја имав, односно, за денот без брзање, без стрес, без гужви во сообраќај, за стигнувањето брзо пеш секаде, за погледот со зеленило на секоја страна...Ја препорачувам заради органските овошје и зеленчук,вграњот на Калин Камен, дивите јагоди и чаеви по планините, превкусните специјалитети во неколкуте рестораниод локални состојки и секако паланечкиот симит.
Вие сте успешна архитектка, сопственичка на „Метатет студио“ преку кое креирате препознатливи урбани локалции, домови. Може ли да ја претставиме вашата работа?
Јас сум архитект, основач и сопственик на Метатет студио од 2012 година кое брои вкупно четворица архитекти. Моменталните ангажмани ни се проектирање на неколку станбени згради во Скопје, спа-центар во хотел во Гевгелија, пренамена на два пансиони во Дојран, дизајн и изведба на книжарница во Скопје, проектирање на еден комерцијален и два станбени објекти во Крива Паланка, дизајн и реконструкции на неколку станови во Скопје и еден во Штип. Тоа е работа што ме исполнува.
Вие го дизајниравте ентериерот на еден од локалите за „градска шема“ – Kitchen Bar „Mint“. Од каде се инспириравте за ваквото модерно и урбано уредување?
Најпрвин благодарам за комплиментите, многу ми е драго што засега не слушнав ниедна лоша критика, а и големата посетеност на локалот во волку тешки услови зборува за тоа дека на локалните посетители им се допаднал објектот, што на крајот на денот е најважно. Морам да напоменам дека инвеститорите беа многу професионални и пристапија со целосна доверба кон мене и проектот, што е главната причина за крајната слика на нивниот простор.Инспирацијата воглавно е од поставеноста на просторот, односно тоа што е толку убаво осветлен од три страни и има поглед кон стариот плоштад и паркот како и кон коритото на Крива Река. Сакав да вметнам повеќе геометрија во просторот, инспирирана од холандскиот графички уметник Ешер. Моето омилено катче е просторот кајшто има тросед и две различни фотељи врз тепих, врз коишто е поставено и различно осветлување од целиот локал. Исто така е обрнато посебно внимание при дизајнот и изборот на расветата во целиот простор.Се потрудив да бидат ангажирани што повеќе луѓе од Крива Паланка, но не успеавме тоа да го реализираме во целост.
Од Вашето архитектонско и дизајнерско око, дали Крива Паланка е урбано развиена и сте размислувале ли да дизајнирате уште некоја локација/објект?
Бидејќи бев отсутна две декади, можам да забележам дека градот е развиен и се движи нанапред, средени се коритото на реката, има нов плоштад, објектот на општината е реконструкиран, патот до манастирот е саниран и поправен меѓутоа некогаш не се работи само за дизајнот и урбаноста. На пример манастирот е среден и се одржува чист, што е добро и привлекува туристи, меѓутоа ми смета тоа што местото за пикник е толку многу скратено што дури и го нема. Порано имаше маси за оние кои не можат да си дозволат да јадат во ресторанот, туку си носат храна и пиајлоци. Тие луѓе буквално нема каде да седнат, а поентата на светите места како ова е да се сплотат луѓето и да борават заедно а не да се поделат на сиромашни и богати. Исто така е многу погрешно што е блокиран горниот премин од масите кон паркингот над црква, бидејќи таму е најубавата позиција за фотографирање на целиот простор, од кадешто убаво се гледаат куполите на црквата и терасите на конаците, а сега до таму нема никаков пристап, што значи дека посетителите се восхитуваат на глетката а не ни знаат дека постои уште поубава позиција за фотографирање и промовирање на манастирот. Воедно,прекината е летната школа за архитектура којашто се одржуваше традиционално цели 25 години во конаците на манастирот и ја посетуваа реномирани архитекти и студенти коишто ќе изградат многу во нивните идни кариери а таа посета ќе им значеше многу за развојот на творештвото. Не знам кој е виновен за ова што го наведов ама се надевам дека некој што има влијание ќе ги прочита моите забелешки и ќе превземе нешто.
А што се однесува до мене би сакала да допринесам уште во развојот на градот на било кој начин, меѓутоа инвеститорот го бира архитектот, а не обратно. Се понудив да дизајнирам фонтана од извадената калдрма од стариот плоштад, доколку останат неискористени коцки, бидејќи не би сакала да се фрлат или заборават во некој магацин.А доколку архитектот би го бирал клиентот, би сакала да го дизајнирам ентериерот на слаткарницата „Спорт“ кадешто би ја задржала врамената фотографија од Маршалот Тито.
За крај, како би помогнале за вашиот роден град, што би направиле и порака до сите Кривопаланчани?
Во вакво несигурно време како денешното кога акцентот е ставен на развојот на планинскиот туризам би им препорачала да ја чуваат природата бидејќи ја имаат во изобилие и да го развијат повеќе преку промоција на планинарски тури на врвовите околу градот коишто секако би биле привлечни на планинари ширум Македонија. Тоа би повлекло и развој на угостителството и зголемување на сместувачките капацитети во градот.