Од Кривопаланчани - со срце за Крива Паланка

Наша Крива Паланка, место каде како што велат „домаќинот го угостува гостинот како роднина“.

04 Jun 2021

Нашата Крива Паланка е место каде "домаќинот го угостува гостинот како роднина“.
Велат, низ животот, каде и да одиш, што и да правиш - корените и потеклото, своината, родната грутка и татковината се она што те прави свој на своето. Родното место буди спомени на детството, мигови на радост што се пресликуваат секогаш штом ќе се спомене, а секое ново навраќање, буди лавина емоции. Тимот на Фондацијата „Со срце за Крива Паланка“ прави серија интервјуа со наши кривопаланчани кои говорат од срце за нашата Крива Паланка, евоцирајќи спомени и креирајќи ја визијата за градот Крива Паланка. 

 

Серијалот интервјуа со Кривопаланчани кои денес се на разни меридијани во светот, а се навраќаат повторно тука, за заедно да креираме иницијативи во заедницата или донации и активности што директно ќе влијаат на унапредување на животот во Крива Паланка. Сите, иако заминале оттука заради разни околности, приватни или професионални, и ден денес со емоции рој раскажуваат за градот свој.
Ви ги пренесуваме нивните зборови полни љубов и емоција за нивната и наша Крива Паланка, место каде како што велат „домаќинот го угостува гостинот како роднина“.

Крива Паланка е распослана на двата брега на Крива Река, во североисточниот дел на Република Северна Македонија, располага со богато историско минато, традиции и обичаи, култура...изобилува со раскошни пејзажи, природна убавина и реусрси, но е урбан град што постојано се модернизира и прераснува во неодминлива туристичка дестинација. Од Крива Паланка потекнуваат бројни академци, лекари, креативни, талентирани и вредни луѓе со успешни кариери во и надвор од Крива Паланка, но никогаш не забораваат од каде почнале, каде „се комплетно свои“, бидејќи Крива Паланка ја носат во срцето.
Овој модел на споделување позитивни искуства и практики,знаења и добронамерни совети го препознаа и помладите, средношколци и студенти од Крива Паланка заедно со Фондацијата "Со срце за Крива Паланка" и се тимот двигател на креирање јадро млади луѓе поттикнувајќи ги промените во заедницата. Средношколската училишна заедница на иницијатива на претседателката на заедницата, Глорија Стојковска, веќе реализираше дебати и интервјуа со наши Кривопаланчани од кои има многу што да се научи.
Студентите и стипендисти на "Семос едукација" пак, креираа блог и серија интервјуа кои во периодот што претстои ќе Ви ги објавуваме.
А Вам, Ве охрабруваме, споделувајте ги со нас сите контакти од луѓето кои потекнуваат од нашата Крива Паланка за да ги пренесеме нивните репрезентативни и инспиративни животни патишта.