Софија Пејкова: „ Крива Паланка ја носам во срце иако не одам често“

Крива Паланка ја носам во срце иако не одам често

11 Jun 2021

-Крива Паланка ја носам во срце, иако не сум често таму. Секому топло ја препрорачувам мојата Крива Паланка, поради природата, традицијата што се негува, за посебната гостопримливост на моите сограѓани со големи срца и душа, вистински домаќини, вели доктор Софија Пејкова која потекнува од староградска фамилија токму од Крива Паланка, каде го поминала своето безгрижно детство, а денес е успешна докторка, специјалист по пластична и реконструктивна хирургија на Универзитетската клиника за пластична хиругија во Скопје.

Сеќавајќи се на нејзиното безгрижно детство во Крива Паланка, бескрајните игри со другарите, ќе рече: „ –  Многу спомени ми навираат. Можам книга да напишам за нив...“  Нејзиното омилено место во Крива Паланка е манастирот Св. „Јоаким Осоговски“.

"-Тоа е посебно место на оваа планета каде мирот и спокојството се насекаде.“- вели Пејкова.

Во секоја прилика, при средбите со своите сограѓани, Пејкова на драго срце им помага, и во својот делокруг на работење, и приватно, но не само таа, тоа е благородна карактеристика на целото нејзино семејство. Ова е и повод да поразговараме со нашата криволанчанка за нашата Крива Паланка: за нејзиното детство во родното место, за спомените од Крива Паланка, за нејзиниот сегашен работен ангажман, за тоа колку често се навраќа во својот град и зошто им го препорачува на своите пријатели.

Вие и Вашето семејство имате кривопаланечко потекло, кажете ни нешто повеќе за вашите корени?

Потекнувам од, како што сакаше мојата бaба Марија да каже, страроградски паланечки фамилии. Моите родители, татко ми Борислав познат помеѓу паланчаните како Зизо, е од фамилијата Накови. Јас го носам името на неговата баба Софија. Неговите родители, мојата баба Магдалена и дедо Зафир, немав можност да ги запознаам бидејќи починале набргу по моето раѓање. Родителите на мојата мајка Јулијана исто така потекнуваат од староградски паланечки семејства, всушност и најмногу од мојата баба Марија дознав како се живеело во Паланка пред Првата Светска Војна, по Првата Светска Војна, за време на Втората Светска Војна и по неа. Тоа ми беа омилените приказни за заспивање што таа ми ги раскажуваше, ми објаснуваше за нашите семејства, роднини, обичаи и традиции. Благодарна сум ѝ премногу бидејки терпеливо ми раскажуваше за да јас и ден денес ги негувам традициите на нашите семејства. Дедо ми Александар, познат во Паланка како поп Санде, беше свештеник. Беше човек преполн со мудрости, лингвист, зборуваше француски, старословенскиот му беше како мајчин, а беше мој учител по латински. Ме научи до тој степен, што разменувавме мисли, односно зборуваме латински. Многу негови мудрости и начела за животот ми се ѕвезди водилки низ мојот живот.

Какви спомени Ве врзуваат за родниот крај?

Многу спомени ми навираат. Можам книга да напишам за нив.. безгрижното детство, бескрајните игри со другарките во нашето маало. Игравме криенки, ластик, кленџик, се санкавме со санки, возевме велосипед. Со Сашка, Кате, Око, Бојан, Диме, Мацо, Ека...

Се сеќаватели на вашето детство во Крива Паланка? 

Моето детство го поминав во Крива Паланка. Не можам да не ја спомнам мојата најсакана и најдобра учителка Катерина Христова, педагог во вистинска смисла на зборот, која успеа да изгради генерации-денес многу успешни професионалци. Строга и праведна, нè научи дека само со многу работа и посветеност се постигнува успех. Не научи да се натпреваруваме кој ќе биде подобар, кој повеќе ќе знае, кој повеќе ќе прочита...

Се сеќавам, со мојот другар Бранко Гаштеовски се натпреварувавме кој повеќе ќе прочита и запамети од тогаш актуелните енциклопедии во девет тома :), а со другарка ми Лихнида Стојановска кој ќе биде подобар во тестовите и енигматичните задачи на наставникот Бошко по математика. Ех, какви времиња беа тоа...ми недостасуваат.

 

Кое беше Вашето омилено место во Крива Паланка, каде најмногу го поминувавте времето?

Паланка мене самата по себе ми е омилена. Се сеќавам кога бевме мали, мајка ми и татко ми не водеа на излет на Дервен. Прекрасно место беше тоа за мене и брат ми Бојан. Се сеќавам на чешмите со ладна вода таму и старите ореови дрвја кои правеа голема сенка. Не може да не го споменам и манастирот наш Св.Јоаким Осоговски. Тоа е посебно место на оваа планета каде мирот и спокојството се насекаде. 

Колку често навраќате во родниот град и какви емоции се будат секогаш кога ќе дојдете?

Иако можеби немам многу време често да појдам таму, јас Паланка си ја носам во срцето.

  Што зборувате од срце за Крива Паланка и поради што топло ја препорачувате?

За природата, за традицијата што се негува, за посебната гостопримливост на моите сограѓани со големи срца и душа.

Што најмногу Ви недостига?

Ми недостасува паланечкиот симит, ама паланечкиот симит од фурната на дрва на чичко Благој.

Која е Вашата професија и кои се вашите моментални ангажмани?

Јас сум пластичен и реконструктивен хирург, вработена на Универзитетската клиника за пластична хиругија. Мојата професија е динамична и бара постојана едукција и посветеност кон пациентите. Со мојот сопруг, Христо Пејков, кој е кардиолог, професионалната едукција уште пред дваесет години ја надградуваме на Медицинскиот Универзитет во Виена. Целтани е да ги споделиме нашите искуства и професионални контакти на новите генерации лекари.Нема да биде ништо комплетно без нашиот син Никола, кој е мојата ѕвезда водилка и инспеација за се што правам.

 

За крај, на кој начин би помогнале на својот град, што би направиле?

Секојдневно и јас и мојот спруг како лекари сме во контакт со моите сограѓани и секогаш даваме сè од себе да им помогнеме. 

Пејкова покрај тоа што постојано, како што вели, помага на своите сограѓани, на состанок со раководството на Фондацијата „Со срце за Крива Паланка“ предложи иницијатива за воспоставување соработка со Зрдавствен дом „Димитар Арсов“ од Крива Паланка за реализација на активности од пластична хирургија  кои би биле големо ослеснуавње за Кривопаланчани, што мораат да користат такви услуги во Клиничкито центар во Скопје. Оваа иницијатива е во план, но се чека подобра здравствено-епидемиолошка слика во државата.

Ова беше прво од серијата интервјуа со наши кривопаланчани кои на еден или друг начин со срце прават добри дела, за кривопаланчани или за Крива Паланка.