Месноста Калин Камен е на надморска височина од 1870 метри и претставува еден од најубавите врвови на Осоговските Планини, на подрачјето на Крива Паланка, североисточна Македонија. Во околината на Калин Камен има пријатни места за одмор и рекреација, мал спортски терен, прекрасни локации за излет и уживање во неодоливите пејзажи на раскошната природа.
Атракција што од година во година привлекува се поголем број туристи е познатото „Рели Калин Камен“ - рели трки за возила со погон на четири тркала што минува низ најживописните предели на Осоговието.
Локалитетот Калин Камен е познат и по самиот врв Калин Камен, природните езерца на надморска височина од околу 1500 метри н.в., месноста Влашки колиби и Влашка мандра.
Она што ги плени посетителите се прекрасните пространи ливади, буковата шума и една голема карпа која месното население ја нарекува Калин Камен. Токму таа карпа е причината што бројни туристи доаѓаат и ја посетуваат Крива Паланка и туристичкиот локалитет Калин Камен.
Според легендата, стара неколку векови, се верува дека во кривопаланечкиот регион во време на Отоманската империја живеела млада мома, Калина, најубава од сите девојки. Од нејзината убавина бил одушевен и турскиот ага кој ја грабнал и ја затворил во неговиот сарај. Таа, не сакајќи да се потурчи и да биде жена на агата, една ноќ избегала од сарајот и се упатила кон каменот под Царев Врв. Патот пешачејќи го поминала за 4 часа. Таа ноќ Калина се фрлила од карпата. Во чест на Калина, народот ја нарекува карпата Калин Камен.
Кога патот ве води кон манастирот Свети Јоаким Осоговски, не заборавајте да продолжите по патот кон Калин Камен.