Симит- автентична храна, бренд на Крива Паланка

Се приготвува на посебен начин со тајни состојки, но едно нешто што го знаеме и никој не се сомнева

14 Jan 2021

Постојат бројни причини што ги привлекуваат туристите да ја посетат наша мала но мила земја, а освен долгата и богата историја со инспиративни приказни, неодминливо привлечна е вкусната и традиционална храна, традиционалните македонски јадења и специјалитети на кои не останува рамнодушен секој што ги пробал.
Нашата кујна е само уште еден белег на нашата богата традиција, а нејзината разновидност се огледа во секој град, со уникатни специјалитети кои се обележје на општините.
Крива Паланка е град што може да се пофали со богата трпеза полна со љубов, со бројни предјадења и јадења што ниту еден турист не го оставаат рамнодушен. И освен зелниците подготвени на традиционален начин, питите, чорбите и слатки јадења, нешто што е карактеристично само за овој град е кривопаланечкиот симит.
Симитот е специјалитет што се приготвува по истата рецептура со векови и го има задржано истиот вкус и шмек уште оттогаш.
 
Се приготвува на посебен начин со тајни состојки, но едно нешто што го знаеме и никој не се сомнева во тоа е дека тоа мало чудо од храна мора да се проба при секое доаѓање во овој град. Едни од познатите состојки на симитот се наут, мелена леблебија, брашно, сол и квасец специјален за овој симит и приготвен на посебен начин. Секој што го пробал го има запаметено засекогаш и топло го препорачува.Пораката на сите мештани, но и посетители е дека не смееш да поминеш или дојдеш во овој град, а да не пробаш кривопаланечкиот симит.
 Освен симитот, вкусот на традицијата го карактеризира и Шопската салата, надалеку позната и многу барана низ сите ресторани и домови низ Балканот, но како што кажува и самото име таа потекнува токму од овој крај и регионот на тромеѓето кадешто е лоцирана Крива Паланка.
И овде, во Крива Паланка, се готват и служат многу јадења за кои би можеле да пишуваме, но за сега тоа е доволно, а и колку и да пишуваме залудно е доколку не дојдете во Крива Паланка да се уверите и уживате во храната.
Токму поради тоа што кривопаланечката трпеза предизвикува радост на вистинските љубители на традиционална и органска храна, имаме огромна желба тоа да го споделиме со остатокот од светот и да им го доловиме и овозможиме и ним тоа задоволство. Повелете во Крива Паланка!